Американската математичарка Маргарет Хамилтон, една од најважните личности во историјата на НАСА и пионерка на софтверското инженерство, почина на 90-годишна возраст. Нејзината смрт настапила на 30 септември, соопшти Масачусетскиот институт за технологија (МИТ).
Хамилтон останува запаметена како жената чиј софтвер одигра пресудна улога во историското слетување на човекот на Месечината во 1969 година.
Додека астронаутите Нил Армстронг и Баз Олдрин се приближувале кон површината на Месечината, компјутерот на лунарниот модул „Игл“ почнал да испраќа предупредувања за преоптоварување. Причината бил проблем поврзан со хардверот, поради кој компјутерот добивал повеќе задачи отколку што можел истовремено да обработи.
Токму тогаш се покажала вредноста на софтверот што го развиле Хамилтон и нејзиниот тим. Системот автоматски им давал предност на најважните операции, додека помалку значајните привремено ги одложувал. Благодарение на таквото решение, компјутерот продолжил да ги извршува задачите неопходни за слетувањето. Контролата на мисијата во Хјустон проценила дека астронаутите можат да продолжат, а „Аполо 11“ успешно слетал на Месечината на 20 јули 1969 година.
Една од најнеобичните приказни од кариерата на Хамилтон е поврзана со нејзината ќерка Лорен, која на 4-годишна возраст си играла со компјутерски симулатор додека била со мајка си на работа. Девојчето случајно активирало програма наменета за подготовките пред лансирање, иако симулаторот веќе бил во фаза на лет. Тоа предизвикало пад на системот.
Хамилтон ведназна препознала опасноста и предложила софтверска заштита што би спречила таква грешка во вистинска мисија. Нејзиниот предлог првично бил одбиен со образложение дека добро обучените астронаути не би направиле таков пропуст.
Сепак, за време на мисијата „Аполо 8“ во 1968 година, астронаутот Џим Ловел случајно ја активирал истата програма, што довело до губење навигациски податоци. Хамилтон и нејзиниот тим морале итно да најдат решение, а по инцидентот нејзините безбедносни препораки биле целосно прифатени.
