По долго боледување почина новинарката и уредничка Гордана Дувњак, една од препознатливите фигури во македонското новинарство, особено во областа на политиката и правосудството.

Својата новинарска кариера Дувњак ја започна во 1988 година во Македонската радио-телевизија, каде работела две години. Од 1991 до 1999 година беше дел од редакцијата на „Нова Македонија“, по што следува долгогодишниот ангажман во „Утрински весник“, каде работеше како новинарка и уредничка во периодот од 1999 до 2017 година.

Професионалниот пат го продолжи во порталот „Макфакс“ во 2017 година, а една година подоцна стана дел од телевизијата „1ТВ“, каде исто така извршуваше уредничка функција. Од 2019 година работеше во неделникот „Фокус“.

Веста за нејзината смрт ја објави нејзиниот син Мартин Дувњак со емотивна порака, во која ја опишува како „жена борец, мајка каква што секое дете може само да посака и врвен професионалец“.

„Се одјави нашата мајка, жена, кралица Гордана Дувњак. Жена која што не ја сакаше и почитуваше само тој што ја немаше запознаено. Врвен професионалец и новинар кој беше пример за чесност, љубов кон професијата и став“, напиша тој.

Семејството истакнува дека таа била столб и поддршка, посветена мајка која „дала сè за да изведе луѓе на вистинскиот пат“.

Погребот ќе се одржи утре (среда) во 11 часот во капелата во Бутел, а во 12 часот на гробиштата во Бутел.

Со нејзиното заминување, македонското новинарство губи искусен и посветен професионалец, чиј придонес ќе остане трајно запаметен.

Дувњак не напушти на 61 година.