Ренџов завршил Правен факултет, но неговата голема љубов беа поезијата и литературата, па со години работел во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје и беше е член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).
Автор е на дваесетина збирки поезија, меѓу кои и „Иселеник на огинот“ (поезија, 1965); „Ноќно растење на зборот“ (поезија,1967); „Каде од оваа страна“ (поезија, 1968, „Издишки“ (поезија, 2013). Го превел и епот „Гилгамеш“.
Последната поетска збирка „Зраци“ ја објави во 2023.
„Најновиот поетски ракопис на Михаил Ренџов е вчудовидувачки екстракт од неговото раскошно поетско искуство. Светлината и топлината од неговата поезија овој пат ги добиваме преку извонредна серија лирски минијатури, елиптични поетски вињети, именувани ‘Зраци’. Секоја песна, секоја минијатура е еден нов зрак поетска светлина. Како поклоник на аскетски строгот поетски израз, Михаил Ренџов со најновиот ракопис моќно ни ја докажува максимата ‘помалку е повеќе’. Во секоја песна, во секој стих е компримирана огромна творечка енергија, а песните се едновремено и едноставни и повеќеслојни. Песните на Ренџов се сочинети од само неколку збора, но благодарение на несомнената вдахновеност и врвното поетско мајсторство, во секоја нова лирска минијатура преку лаконски пласираните стихови и поетски слики нè пречекува ново изненадување. Секој текст нè тера да го препрочитуваме одново и одново, откривајќи нови пластои значење“, рече на промоцијата на „Зраци“писателот Владимир Мартиновски.
Ренџов е добитник е на бројни награди меѓу кои: „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ за книгата Нерези (1982), „Григор Прличев“ за поемата „Тој“ (1993), „Ацо Шопов “ за книгата „Јас Оксиморон“ (1999), „Рациново признание“ за книгата „Захариј и други раскази“ (2004), „Григор Прличев“ за поемата „Предвесница“ (2009), „Браќа Миладиновци“ за книгата „Јас. Елегии“ (2017).
Во 2022 го доби орденот „Свети Никола“, што се доделува на заслужни граѓани кои се родени и потекнуваат од Штип.
„Животот е како вруток. А, врутокот е во детството и младоста, доба исполнета со забава. Токму тоа време е основа на творештвото на секој автор. Секој човек, па и поетот, е како испосник, кој во себе го носи тоа време и додека е жив, создава и твори. Затоа, само детсвото и младоста не се забораваат“, изјави Ренџов во таа пригода.