Поранешниот кинески премиер Ли Кечијанг почина од ненадеен срцев удар на 68-годишна возраст, објавија кинеските државни медиуми.
„Другарот Ли Кечијанг доживеа ненадеен срцев удар на 26-ти октомври додека беше на одмор во Шангај, каде што престојуваше последните неколку дена, и почина 10 минути по полноќ на 27-ми октомври по неуспешните обиди да го оживее“, објави кинеската државна телевизија CCTV.
Ли Кечијанг мина цела деценија како премиер, од 2013 до март оваа година. Иако за време на неговата политичка кариера Ли беше препознаен како елитен економист образован во Пекинг и како кандидат за преземање на раководството на кинеската Комунистичка партија, во последните години претседателот Кси Џинпинг сѐ повеќе го маргинализираше.
Во октомври минатата 2022 година тогаш уште премиер Ли Кечијанг не влезе во новоизбраниот Централен комитет, во периодот кога беше во седумчлениот Постојан комитет. Во март на годишната седница на Националниот народен конгрес на Кина, Ли Кечијанг го даде својот последен извештај за работата на владата, а по завршувањето на парламентарната седница се повлече во пензија.
Ли Кечијанг е роден во округот Дингјуан, провинцијата Анхуи во јули 1955 година. Во 1976 година се приклучил на Кинеската комунистичка партија (ККП). Студирал на Универзитетот во Пекинг и бил на партиски позиции на различни нивоа. Од 2007 година стана член на Политбирото на ЦК на КПК, а во март 2008 година бил одобрен за потпретседател на Државниот совет на Народна Република Кина.
Ли Кечијанг стана премиер во март 2013 година и беше на чело на кинеската влада десет години во тешкиот период на „трговската војна“ со Соединетите држави. На оваа функција тој постојано ја промовираше приватната економија, странските инвестиции и ги поедностави владините процедури.