На 96-годишна возраст во Скопје почина поранешниот претседател на Уставниот суд, Ѓорѓи (Гога) Николовски.

Како што информира Уставниот суд, по повод смртта на Николовски, Судот изрази длабоко сочувство до неговото семејство и блиски пријатели и роднини.

Николовски беше претседател на Уставниот суд во периодот од 1979 до 1986 година и, како што посочуваат од Судот, остави пример на професионалец кој даде значаен придонес во градењето на традицијата на уставното судство во земјава, уште во периодот на СФРЈ.

Николовски е роден на 18 март 1927 година во Битола, каде што го завршува своето основно и средно образование. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје како студент на првата генерација во 1955 година.

За време на студиите работел во „Радио Битола”, а по дипломирањето се вработува како секретар на Собранието на битолската околија.

Помеѓу бројните функции коишто Николовски ги извршувал во текот на својот живот, биле и републички пратеник, еден од првите претседатели на Универзитетскиот совет на Универзитетот во Скопје, потпретседател на Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, потпретседател на републичкото Собрание и претседател на собранискиот Општествено-политички собор. Во два мандата бил и пратеник во Сојузното собрание на СФР Југославија и претседател на Соборот на републиките и покраините на југословенското Сојузно собрание.

По завршувањето на мандатот како судија во Уставниот суд, Николовски бил претседател на Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија (ССРНМ).

– Ѓорги (Гога) Николовски важи за долгогодишен промотор и почесен претседател на манифестацијата за децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија. За својата општествена и граѓанска дејност, носител е на повеќе одликувања и признанија, се посочува во соопштението на Уставниот суд.

Николовски починал во својот дом во Скопје на 16 декември 2022 година.