Еден од великаните на македонската архитектура Петар Муличкоски, почина на 93-годишна возраст. Тој е автор на многу значајни проекти, меѓу кој е и оригиналната зграда на Владата, изградена во 1970 година.
Неговите урбанистички проекти, се вреднувани и наградувани на јавни конкурси, се однесуваат на значајни и разновидни градски содржини во различни географски, историски и урбани средини, ја потврдуваат умешноста на авторот во надоврзување на постојните градски матрици и структури како континуитет во поврзувањето на старото и новото, почитувајќи ја постоечката состојба и духот на срединатанадополнета со нови просторни содржини и амбиенти, е наведено на интернет страницата Македонска АРХитектура (МАРХ).
Позначајни изведени објекти чиј автор е Муличкоски се – Палата на управа, кејот на реката Вардар во Скопје (порано зграда на ЦК СКМ, денес Влада на Република Македонија) – Скопје, 1970 година; Народна и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, 1971 година; Деловна зграда на „Симпо“ во Врање – Србија, 1975 година; Спомен-костурница во Кавадарци, 1974 година; Стопанска банка во Скопје -1974 година…
Научноистражувачката работа на Муличкоски е насочена кон проучувањето на македонските градови и традиционалната архитектура од кои области објавил две книги – „Духот на македонската куќа“ (2000) и „Духот на македонскиот град“ (2002 година).
За своето дејствување е добитник на јавни, општествени и професионални признанија, меѓу кои и „Повелба за животно дело со името на Андреја Дамјанов – 1995 год. (за заслуги во градењето на редот и за извонредност во македонската архитектура). За широката публика во светот тој е репрезент на нашата архитектура во многу списанија и енциклопедии. Добитник е на десетици награди меѓу кои најзначајни се: Награда “11-ти Октомври” (1970); Награда “Климент Охридски” (2003); Награда „13-ти Неоември“ (1999); Награда “Андреја Дамјанов” (1995); Сребрен медал и почесна диплома од светското триенале за архитектура (2003).
Творештвото на архитектот Муличкоски е разновидно и опфаќа од урбанистичко и архитектонско проектирање и ентериери до меморијална и пејсажна архитектура, а може да се истакне и неговиот специфичен израз во негувањето на цртежот што е една од спецификите на неговото воспитание како архитект од класата на проф. Едвард Равникар на Љубљанскиот универзитет.
Се занимава и со научноистражувачка работа и со публицистика, долгогодишен професор во областа на урбанизмот на факултетот во Скопје, каде ги пренесува искуствата од своите професионални посети на архитектонските бироа на светски познатите архитекти од САД. Повеќето од неговите креации се со антологиска вредност.
Фасадата на зградата на Владата беше сменета во барок без негова согласност во 2011 година.
Петар Муличкоски е роден 1929-та година во Прилеп каде го минува раното детство и средношколските денови. Во периодот од 1949 до 1957 студира Архитектура на Техничкиот факултет во Љубљана. Во 1959-та е избран за редовен асистент на Техничкиот факултет во Скопје. Со понатамошно лично надградување цо 1967 е избран за доцент, а во 1978 за редовен професор на истиот факултет. Како професор држи настава во сите области на научниот урбанизам, стои во неговата биографија објавена на МАРХ.