Почина Светлана Броз, внуката на Јосип Броз Тито

Во Белград, на 70-годишна возраст, почина Светлана Броз, внука на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито. Светлана беше кардиолог, писател и активист за човекови права.

Нејзините ставови за Македонија предизвикаа реакции

Во Македонија, името на Светлана Броз стана актуелно откако во колумна за грчкиот портал „Екатимерини“ таа тврдеше дека нејзиниот дедо, како претседател на Југославија, ѝ го дал името „Македонија“ на една од шесте републики во федерацијата.

„Иако мојот дедо, Јосип Броз Тито, го даде името ‘Македонија’ на една од шесте републики што ја сочинуваа Југославија, јасно е дека овој потег не беше наменет да создава иредентистички претензии кон соседните земји, со кои Југославија разви пријателски односи и плодна соработка“, напиша Светлана во својата колумна.

Таа ги обвини Македонците дека по прифаќањето на привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ)“ за влез во Обединетите нации, тие продолжиле да го користат своето уставно име „Македонија“, што, според неа, било проблематично.

Во истата колумна, Броз изрази загриженост за зголемената употреба на мапи кои прикажуваат „Голема Македонија“. Таа го оцени тоа како облик на национализам.

„Сакам да поставам едно едноставно прашање: Ако на некого му презентирате мапа која го нарушува неговиот територијален интегритет, што би очекувале од него? Да ги прифати вашите предлози? Дали би било воопшто возможно?“ – се запраша Светлана Броз во својата анализа.