Минатата недела е регистриран смртен случај на лице заразено со ковид-19, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во својот неделен извештај за периодот од 20 до 26 јануари.

Се работи за 60-годишно лице од Куманово, вакцинирано со две дози против коронавирусот – последна доза била примена пред повеќе од три години. Лицето било со коморбидитети и е починато во болнички услови.

Минатата недела во земјава е регистриран само еден позитивен случај на ковид-19. Заразено е лице од Струга.

„Од 20 до 26 јануари 2025 година тестирани се вкупно 341 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, за 20,5 отсто повеќе во однос на минатата недела (n=283). Регистриран e еден нов позитивeн случај, еден помалку во однос на минатата недела“,информираат од ИЈЗ.

Од почетокот на годинава, заклучно со 26 јануари, регистрирани се вкупно 14 ковид-позитивни лица. Бројот на заболени во тековниот месец, како што се додава во извештајот на ИЈЗ, е 2,3 пати поголем во однос на декември.