Од денеска, 15 јули до 31 јули, трае електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови низ Македонија за академската 2025/2026 година. Овој рок е наменет за студентите од втора и повисоките години на додипломски студии, како и за апсолвенти.

За студентите од прва година, рокот за пријавување ќе започне по завршувањето на уписниот рок на факултетите во август, и ќе трае од 10 до 17 септември 2025 година.

Студентите кои сакаат да аплицираат за легло треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk. Важно е да се напомене дека студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.

Доколку по објавувањето на конечните списоци со примени студенти останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи до нивното пополнување, но најдоцна до 30 ноември 2025 година.