УЈП со апел граѓаните да ги проверат податоците за трансакциските сметки
Управата за јавни приходи информира дека започнала исплатата на средствата од скенираните фискални сметки за првото тримесечје од 2026 година. Исплатата, како што соопштија од УЈП, ќе се реализира етапно, согласно обработката на налозите.
Според податоците, близу 836 милиони денари ќе бидат исплатени на 528.447 корисници на апликацијата МојДДВ.
Од УЈП посочуваат дека кај 4.968 корисници е утврден неточен податок за трансакциска сметка, поради што исплатата во моментот не може да се реализира.
– Кај 4.968 корисници е утврден неточен податок за трансакциска сметка, поради што исплатата не може да се реализира се додека податоците не се коригираат. Кај 7.560 корисници износот за поврат е помал од 50 денари, па средствата ќе бидат префрлени и исплатени во следниот квартал, велат од УЈП.
Проверете ги податоците во апликацијата МојДДВ
Од Управата апелираат граѓаните кои сè уште немаат добиено средства од претходните или тековните исплати, да ги проверат податоците за трансакциската сметка во апликацијата МојДДВ.
– Со точни податоци, исплатата ќе може непречено да се реализира, информираат од УЈП.
