По речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број на судии поради испразнети места, денеска во Собранието почна седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на чиј дневен ред е утврдување предлог за избор на уставни судии.
Претседателката на Комисијата, пратеничката од СДСМ Марија Георгиевска, рече дека седницата ја закажала откако пратеници усно ја информирале дека ќе достават предлози за нови уставни судии.
Таа изрази очекување дека колегите на седницата ќе ги презентираат предлозите за кои треба да се отвори расправа и оти ќе отпочне постапката во Комисијата, којашто, рече е целосно согласно со Уставот.
Пратеникот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов со процедурална забелешка дека нема критеруми за избор на уставен судија и каква надлежност имаат пратениците да предлагаат уставни судии, кои, рече, треба да бидат чувари на уставноста а не партизирани.
– Уставниот суд е чувар на уставноста и не можам да разберам долго време да не се уреди оваа материја, уште полошо што нема критериуми за избор на уставен судија, пишува само дека треба да е истакнат правник. Врз кои критериуми ние можеме некого да предложиме, немаме таква деловничка можност, бираме судии од највисоките функции во државата, а ние сега вака ќе предлагаме судии и повторно Уставниот суд ќе биде партизиран и нема да работи во функција на заштита на законот, оцени Трајанов.
Георгиевска одговори дека тоа е тема за друга дискусија и дека тоа што треба да го сработи Комисијата е во согласност со Уставот.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски даде пример на изборот на членовите на ДКСК и предложи на сличен начин да се изберат и дебатираат предлозите за уставни судии.
– Законското решение тоа не ни го дава, но дајте да се договориме предлозите да ги видиме и луѓето да се претстават кај нас. Има луѓе од фелата кои не сакаат партијата да ги предложи. Дајте рок да ги разгледаме „сивијата“, да ги разгледаме имињата, да направиме дискусија да слушнат и медиумите и на крај да го направиме подостоинствен изборот. Во наш интерес е да ги одредиме правилата на игра, рече Мицевски.
Пратеникот Горан Мисовски од НСДП апелираше да се почне процедурата и секој од пратениците да се изјасни, да се даде шанса на дебатата со што ќе се откочи процесот на работа на Уставниот суд.
Пратеникот Диме Велковски од СДСМ рече дека целта денеска е да се отпочне процесот за утрдување можни кандидати за уставни судии.
– Би сакал тие да бидат повеќе на број, каде што и власта и опозијата ќе дискутираме на основа на предложенуте кандидати. Не би сакал да менуваме правила на игра – овде е утврдена општа пракса, ќе има повеќе денови расправа, денеска да почнеме со работа, процесот ќе трае, но на никој не може да му се ускрати можноста за дебатирање, јавноста ќе суди, ќе дебатираме, рече Велковски.
Комисијата ќе продолжи по паузата.
Седницата денеска беше закажана откако вчера пратеници ја известиле претседателката на Комисијата, Георгиевска, дека сакаат да достават предлог-имиња. Своите предлози тие ќе ги изнесат на самата седница.
Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.