Европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите се во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони што почна претпладнево во Скопје, објави Независен.

На состанокот, покрај домаќинот Стево Пендаровски, учествуваат и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во улога на ко-домаќини, како и српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Косово Вјоса Османи, албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

Пред официјалниот почеток на состанокот, Пендаровски оствари билатерални средби со косовската претседателка Османи и со претседателот на Албанија Бегај.

Во тек е пленарен состанок на лидерите учеснички на процесот брдо Бриони, по што ќе следи заедничка прес-конференција на Пендаровски, Пирц Мусар и Милановиќ.

Иницијативата Брдо-Бриони беше создадена во 2010 година на идеја на тогашните премиери на Хрватска и Словенија, кои по потпишувањето на арбитражниот договор сакаа да бидат, како што тогаш рекоа, добар пример за земјите од регионот, мирно да ги решаваат споровите и да ги отвораат прашањата, но и да помогнат во процесот на европска интеграција.

Тема ќе биде и дијалогот меѓу Белград и Приштина, бидејќи ова е последна регионална средба пред продолжението на дијалогот во Брисел, кој е закажан за 14 септември, каде ќе се сретнат Александар Вучиќ и Аљбин Курти . Инаку, Приштина ја претставува претседателката на Косово, Вјоса Османи.