Полицискиот час од вечерва ќе биде дополнително скратен и наместо од 23 часот, ќе почнува половина час по полноќ, а носењето маска и понатаму е задолжително за сите, како внатре, така и на отворено.
Продолжено е работното време на угостителските објекти, кои ќе работат до 00.15 часот и само на летните тераси, а до крајот на месецов и понатаму ќе работат без музика.
Министерот за туризам Харис Теохарис вчера го претстави владиниот план за отворање на туризмот, базиран на „пет зони на одбрана“, односно протокол за влез во земјата, систем за спроведување рапид тестови по случаен избор, хотели-карантин на 35 места во земјата, спроведување нови туристички протоколи и забрзување на процесот на имунизација во земјата.
Протоколот за влез во Грција всушност се состои од пополнет PLF формулар пред поаѓањето и потврда или за вакцинација или за негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или за прележан Ковид-19, додека пак од 1 јуни ќе биде во функција европскиот сертификат, односно т.н.„ Green Pass“.
Грчката верзија на „Green Pass“, пак, се воведува од денеска, заедно со укинувањето на забраната за движење меѓу региони и се однесува на внатрешните патувањата со брод или авион кон островите и е задолжителна за сите патници
Заменик министерот под премиерот задолжен за координација на работата на Владата Акис Скерцос во средата ги соопшти новите правила кои пред сѐ се однесуваат на грчките државјани, со оглед на тоа дека за туристите и онака „Green Pass“ ќе биде задолжителен за влез во земјата.
За патувања на островите, во пракса значи дека потребно ќе биде да се покаже или сертификат за вакцинација (да се поминати две седмици од втората доза), или негативен тест (направен 72 часа претходно доколку е ПЦР или 24 пред патувањето ако е селф тест/рапид тест) или потврда за прележан Ковид-19 (два месеца по заразувањето и до најмногу девет месеци потоа).
Авионските и морските компании задолжително ќе вршат контроли, дали патниците имаат некоја од горенаведените потврди, кои важат и за грчките и за странските државјани со наполнети пет години.
За патувања со автомобил, во континенталниот дел на Грција, тестовите не се задолжителни, но постои силна препорака за спроведување пред патувањето.
Заедно со туризмот, од денеска се отвораат и музеите, за една седмица подоцна ќе почнат со работа и летните кина, на 28 мај дозволено е организирање претстави и концерти на отворено, а во текот на следниот месец ќе се укинат рестрикциите за свадби и крштевки, кои ќе може да се одржуваат само на отворено со најмногу 100 гости.