Со учество на повеќе од 15.000 натпреварувачи од 63 земји утрово беше означен стартот на Виз Ер Скопски маратон 2026.
На стартот во Скопје има и елитни тркачи од повеќе земји, кои ќе се борат за најдобрите резултати, а покрај учесниците од Македонија, најбројни се натпреварувачите од Србија, Германија, Велика Британија и Турција.
Годинава ќе се одржат четири трки – маратон на 42,195 километри, полумаратон на 21 километар, трка на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетна трка.
Во главната трка се пријавени 800 тркачи, а меѓу македонските учесници најголем фаворит е минатогодишниот победник Дарио Ивановски. За полумаратонот се пријавени околу 3.000 тркачи.
Покрај натпреварувачкиот дел, и годинава се подготвени активности за учесниците и публиката, а посебно внимание е посветено на поддршката долж патеката. Во организацијата ќе бидат вклучени околу 500 волонтери, распоредени на различни позиции долж патеките.
Претседателот на Сојузот на спортови на Скопје, Зоран Стојановиќ, истакна дека маратонот со секое ново издание ја потврдува својата спортска традиција и значењето за Скопје.
„Виз Ер Скопскиот маратон е спортска традиција која со секое ново издание го обединува Скопје. Оваа година имаме рекорден број учесници и голем број тркачи од странство, што е потврда дека маратонот има свое место на меѓународната спортска мапа. Нашата цел е сите учесници да имаат одлични услови за трката и да понесат убаво искуство од Скопје“, истакна Стојановиќ.
Министерот за спорт Борко Ристовски посочи дека маратонот е една од најголемите и најреномираните спортски манифестации во земјава и дека ваквите настани имаат значење и за промовирањето на спортот кај младите.
„Маратонот е пример како спортот може да ги обедини граѓаните и да испрати позитивна порака до целото општество. Министерството за спорт продолжува да ги поддржува настаните кои го промовираат спортот и активното учество на граѓаните“, истакна Ристовски.
Поддршка за маратонот доаѓа и од Делегацијата на Европската Унија. Заменик-шефот на Мисијата на ЕУ во Македонија, Бен Нупнау, истакна дека спортот ги поврзува луѓето без оглед на нивното потекло и граници.
„Голема чест и задоволство е за нас што и оваа година ја поддржуваме оваа голема спортска манифестација. Спортот ги поврзува луѓето без оглед на нивното потекло и граници, а Виз Ер Скопскиот маратон е убав пример за тоа како еден настан може да ги поврзе Скопје, државата и европската спортска заедница“, рече Нупнау.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека градот е подготвен да биде домаќин на големиот спортски настан и ги повика скопјани да излезат и да ги бодрат тркачите.
„Град Скопје ја дава својата целосна поддршка на маратонот, со сета расположливост на јавните претпријатија и службите кои се вклучени во организацијата, за настанот да помине безбедно и во најдобар ред. Ги повикувам скопјани да излезат, да ги бодрат тркачите и да бидат дел од енергијата која го прави маратонот посебен“, нагласи Ѓорѓиевски.
Спортскиот директор на Виз Ер Скопскиот маратон, Кире Синадиновски, оцени дека рекордниот број учесници е голем предизвик, но и дополнителна мотивација за организацискиот тим. Секретарката на маратонот, Гордана Николовска, ја истакна улогата на околу 500 волонтери кои ќе се грижат за непречено одвивање на трките долж патеките.
