Електронска пријава достапна до полноќ на 17 јуни
Од денеска започнува дигиталниот упис рок за учениците кои сакаат да се запишат во прва година во државните средни училишта за учебната 2025/2026 година. Електронската пријава ќе биде отворена до полноќ на 17 јуни преку системот за електронски услуги на Министерството за образование и наука – e-uslugi.mon.gov.mk. Учениците ќе се најавуваат со сопствени кориснички профили на schools.mk, специјално дизајнирани за оваа намена.
Поднесување документи и објавување резултати
По успешното електронско пријавување, кандидатите треба да ги достават потребните документи во училиштата на:
18 јуни (од 08:00 до 19:00 часот)
19 јуни (од 08:00 до 17:00 часот)
Конечната листа на рангирање со резултатите од првиот уписен рок ќе биде објавена на 20 јуни 2025 година, најдоцна до 12:00 часот, на видно место во училиштето и/или на неговата веб-страница.
Во случаите каде што ќе се организира квалификациско тестирање, тоа ќе се одржи на 23 јуни 2025 година. Тогаш ќе бидат објавени и резултатите од истото.
Втор уписен термин на 30 јуни
За учениците кои нема да се запишат во првиот уписен рок, дигиталниот упис за вторпат ќе се одвива на 30 јуни 2025 година, од 00:00 до 23:59 часот. Поднесувањето на документацијата ќе се реализира на 1 јули (од 10:00 до 19:00 часот), а конечната листа на рангирање ќе биде објавена на 2 јули.
Во рамки на овој втор уписен термин, квалификациско тестирање е предвидено за 4 јули 2025 година.
Августовски уписен рок
Последната шанса за запишување ќе биде на 21 август 2025 година, кога учениците електронски ќе се пријавуваат од 00:00 до 15:00 часот, и истовремено ќе ја доставуваат потребната документација до училиштата. На 22 август ќе бидат објавени конечните резултати.
Сите детали во Конкурсот на МОН
Министерството за образование и наука во Конкурсот ги наведе сите потребни документи за упис во јавните средни училишта. Познати се и детални упатства за спроведување на процесот.