Првиот рок за електронско пријавување отворен до 17 јуни

Од денеска, учениците кои ќе се запишат во прва година средно образование за учебната 2025/2026 година можат да се пријават електронски, преку системот за е-услуги на Министерството за образование и наука (МОН) на https://e-uslugi.mon.gov.mk. Пријавувањето трае до 17 јуни, до полноќ.

Матурантите денес го полагаат вториот надворешен испит – најмногу пријави за англиски јазик

Учениците се најавуваат на системот преку своите кориснички сметки на порталот schools.mk. Електронското пријавување е задолжително и претставува првиот чекор од уписниот процес.

Доставување документи на 18 и 19 јуни – Објавување резултати на 20 јуни

По завршувањето на електронското пријавување, кандидатите мора да ја достават потребната документација директно во училиштата:

На 18 јуни од 08:00 до 19:00 часот

На 19 јуни од 08:00 до 17:00 часот

Конечната ранг-листа со резултатите и слободните места ќе биде објавена од страна на училиштата на 20 јуни до 12:00 часот, на јавно место или на веб-страницата на училиштето.

За средните училишта каде што е предвидено квалификациско тестирање, истото ќе се спроведе на 23 јуни, кога ќе бидат објавени и резултатите од тестирањето.

Второ електронско пријавување на 30 јуни – тестирање на 4 јули

Учениците кои нема да бидат примени во првиот рок, ќе имаат можност за повторно пријавување во вториот уписен круг:

Електронско пријавување: 30 јуни (00:00 – 23:59 часот)

Доставување документи: 1 јули (од 10:00 до 19:00 часот)

Објава на конечна ранг-листа: 2 јули

Квалификациско тестирање (доколку е предвидено): 4 јули

Августовски рок – последна можност за упис на 21 август

За учениците кои не се запишале во јуни, августовскиот уписен рок ќе се реализира на 21 август, кога ќе се врши и електронско пријавување и доставување на документацијата. Резултатите ќе бидат објавени на 22 август.

Документи и упатства во Конкурсот на МОН

Во Конкурсот на Министерството за образование и наука се наведени сите потребни документи за упис, како и насоки за спроведување на уписната процедура во јавните средни училишта низ државата.

Извор: Миа