Здравствените власти апелираат дека единствен начин на превенција да не се соочиме со нов силен бран и ширење на опасниот делта сој е што помасовна имунизација. Од Министерството за здравство вчера информирaа дека кај нас се детектирани десетина случаи со делта сој и ниту еден од нив не бил вакциниран.
Според последната статистика што ја објави вчера ресорното Министерство, во претходното деноноќие е регистриран 21 нов случај со Ковид-19 од направени 3358 тестирања. Од нив, 13 се од Скопје, пет од Тетово и по еден од Гостивар, Струмица и Дебар. Во болниците во земјата хоспитализирани се 16 пациенти. Регистрирани се двајца оздавени панциенти, а починати немало.
Сегашната епидемиолошка состојба во земјата е стабилна, болниците се празни, а само четворица пациенти се на кислородна поддршка. Иако здравствениот систем е подготвен во случај на влошување на ситуацијата, од Министерството се надеваат и посакуваат до тоа да не дојде. Затоа, повикуваат на што помасовна имунизација.
Последните анализи и во светски рамки покажуваат дека новиот делта сој на вирусот масовно се шири кај невакцинираното население. Во Европа, од почетокот на месецот, дури 84 отсто од новозаразените во Холандија се невакцинирани, а 10 отсто се вакцинирани само со една доза, додека во Обединетото Кралство, скоро две третини од луѓето заразени со Делта сојот на Ковид-19 и повеќе од половина починати, воопшто не биле вакцинирани. Шпанија бележи значителен пораст на нови случаи кај млади невакцинирани лица, по трендот на опаѓање на заразени од крајот на април. Бројот на пациенти во регионите како Каталонија е двојно зголемен во споредба со крајот на јуни, а единиците за интензивна нега кои претходно беа затворени повторно се отвораат.
СЗО е децидна дека сите вакцини се докажано ефикасни против постоечките соеви и мутации на вирусот. Иако дел од студиите покажуваат дека нивната ефикасност се намалува против Делта сојот, таа е се уште доволно висока да превенира развивање на тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт. Откако се утврди дека вирусот се пренесува помеѓу невакцинираното население, повеќе земји ги зајакнаа рестриктивните мерки кои главно се однесуваат на неимунизираните лица.
Министерството за здравство укажува дека секој поединец носи одговорност во борбата против пандемијата, со највисока граѓанска обврска за вакцинација.
-Должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите е и уставно регулирана, со цел да се обезбеди максимална заштита на личното и колективното здравје, со што овие мерки не може да се подведат под сомнение дека се основ за дискриминација или во спротивност на основните човекови слободи и права, туку напротив, се во насока на поттикнување на личниот придонес од страна на секој поединец, со што ќе се осигураат јавното здравје и колективната благосостојба, потенцираат од Министерството за здравство.
Вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата во земјава достигна 155 922 од
930.540 тестирања на Ковид-19. Оздравени се 150 170, а починати 5 487. Вкупно активни случаи има 265, од кои најмногу во Скопје 99, во Тетово 83, во Гостивар 15, во Куманово и Кичево по 13… Во повеќе градови нема активни случаи на Ковид-19.