Два месеци од укинувањето на пресудата за „Таргет-тврдина“, во која поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор, денеска започнува новото судење.
Предметот за масовното прислушување, во кој покрај Мијалков се обвинети уште десетина други лица, ќе го суди судијата Илија Трпков, бидејќи Владимир Туфегџиќ кој во претходната постапка ја донесе пресудата за овој предмет замина од Основниот кривичен суд Скопје. По денешното, ново рочиште е закажано веќе за утре кога обвинетите ќе се произнесат за вина, по што судијата ќе треба да одреди динамика за идните судења.
Претседателот на судот Иван Џолев минатата недела најави дека, поради опасноста предметот за застари, со судијата веќе е договорено процесот да се интензивира.
Со оглед на тоа што делата на обвинетите им застаруваат во 2025 година, постои опасност државата да им плаќа отштета на сите незаконски прислушувани граѓани.
Претходно, Апелацискиот суд во образложението за укинување на пресудата, меѓу другото, наведе дека во првостепената пресуда немало опис на кривичните дела за кои Мијалков и другите обвинети се прогласени за виновни. Апелација бараше точно да се утврди колку лица биле прислушувани, преку кои уреди и во кој период.
Апелациските судии Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева го држеа предметот речиси две години.
Инаку, Мијалков, во моментов, е на издржување затворска казна за друго дело во затворот во Струга од каде со полициска придружба треба да биде донесен до Кривичниот суд во Скопје.