На обвинителна клупа: поранешниот директор и тројца лекари
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска започнува главната расправа за случајот „Онкологија“ – еден од најтешките здравствени скандали што ја потресе македонската јавност. На обвинителна клупа ќе седнат поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев и тројца лекари онколози. Тие се товарат за тешки кривични дела поврзани со несоодветен третман на пациенти со малигни заболувања.
Според обвинителниот акт, Васев, заедно со еден колега од клиниката, се гони за продолжени кривични дела „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“. Медицинските вештачења извршени во Србија и Словенија потврдиле дека кај најмалку 29 пациенти биле применети несоодветни терапии – спротивни на официјалните упатства, со погрешни дозирања и неосновано користење на имунотерапија и нови лекови.
Злоупотреби, фиктивни исплати и сомнителни набавки
Една од обвинетите докторки му овозможила на Васев пристап до својот факсимил и кориснички податоци за електронскиот систем на клиниката, што му овозможило целосна контрола врз терапиите. Другите двајца лекари се товарат за „несовесно лекување“, одредувајќи неподобни терапии и кај пациенти во тежок здравствен статус.
Покрај ова, Јавното обвинителство поднесе и второ обвинение против Васев – за злоупотреба во економското работење на клиниката. Заедно со економскиот директор се обвинети за фиктивни набавки, проневера и измами кои, според обвинителството, од 2018 до 2022 година му нанеле штета на државниот буџет од над 2,2 милијарди денари. Само преку Фондот за здравствено осигурување биле исплатени противправно околу 430 милиони денари, а Васев лично прибавил најмалку 13 милиони денари.
Семејствата на починатите бараат правда и истина
Истрагата беше затворена на 22 мај годинава, по анализа на 65 медицински досиеја, од кои кај значителен дел беа утврдени сериозни отстапки од лекувањето. Семејствата на починатите пациенти, чии животи згаснаа поради несоодветно лекување, со болка и гнев очекуваат правдата да биде задоволена.
Случајот „Онкологија“ беше отворен во јануари годинава по серија новинарски истражувања и ревизорски извештај кој откри сериозни пропусти во работењето на клиниката. Јавноста очекува одговорност и високи казни, како предупредување дека вакви трагедии нема да се дозволат во иднина.