Почнува тридневната „Новогодишна приказна“ во Општина Кисела Вода

Со настапот на диџеј Марио со труба вечер, во 19 часот, во паркот „Шопен“ ќе почне тридневната празнична манифестација „Новогодишна приказна“. По него ќе настапи Игор Димовски и бендот „Пауза за ракија“.

Општина Кисела Вода информира дека граѓаните се поканети да уживаат во богата програма со настапи на македонски музичари, наменета за сите генерации. Ќе настапат Антониа Гиговска, Либеро бенд, Миле Кузмановски со бенд, Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама напишана од Трајче Кацаров, Бока Конга и Боби Сакс.

Градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска пред неколку дена на прес-конференција истакна дека се грижат за граѓаните и организираат предновогодишна забава со богата програма за заедно, во убава атмосфера да ги пречекаат новогодишните празници. Таа истакна дека на 31 декември ќе се приклучат на новогодишната прослава на плоштадот „Македонија“, организирана од Град Скопје.

За најмладите во вторник е предвидена програма со музички точки од градинките „8 Март“ и „Весели цветови“, претстава со Дедо Мраз на Театар „Отпишани“, доделување пакетчиња, мини-концерт на училишните бендови од ООУ „Круме Кепески“ и „Невена Георгиева – Дуња“. Бесплатни новогодишни пакетчиња ќе добијат сите дечиња од општина Кисела Вода. Водител на манифестацијата ќе биде Миро Кацаров.

Паркот „Шопен“ ќе биде празнично уреден и исполнет со новогодишни куќички, каде ќе се нудат топли пијалаци и празнична храна.