Набавени се 40.000 четириваленти вакцини, а граѓаните кои се пријавиле на сајтот vakcinacija.mk ќе добијат СМС пораки во кои ќе им биде напишан датумот, часот и местото за вакцинација.
– Ова е четврта година по ред како обезбедуваме бесплатна вакцинација за хронично болните, граѓаните над 65-годишна возраст, бремените жени, децата и здравствените работници. Ќе има и теренска вакцинација и тоа во домовите за стари лица, центрите за дијализа, за здравствените работници ќе се организира пункт во Институтот за јавно здравје, а во Скопје каде се очекува и најголем притисок за вакцинација освен во Центарот за јавно здравје од поликлиниките за вакцинација за сезонски грип ќе бидат наменети тие во Ѓорче Петров, Бит Пазар и во Идадија, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека ставот на Националниот комитет за имунизација е дека нема никаков ризик ако двете вакцини таа за сезонски грип и за COVID-19 се примат во исто време, а ако не се примат во исто време нема разлика колкaв временски период ќе биде дистанцата меѓу двете вакцинации. Додаде дека освен оваа количина вакцини центрите за јавно здравје набавиле 11.000 комерцијални вакцини од кои 4.000 се во Скопје.