Повеќе дневна светлина наутро
Во ноќта меѓу 25 и 26 октомври, точно во 3 часот по полноќ, започнува зимското сметање на времето. Часовникот ќе се врати еден час наназад – на 2 часот, со што денот ќе биде подолг за еден час. Со оваа промена, утрата ќе бидат посветли, но затоа попладнињата ќе се стемнуваат порано.
Период на зимско сметање
Зимското сметање традиционално започнува во последниот викенд од октомври и трае до последниот викенд од март, кога часовникот повторно се поместува еден час нанапред и започнува летното сметање на времето.
Историја и европска иницијатива
Летното сметање на времето првпат било воведено во Германија во 1916 година, со цел да се продолжи дневната светлина во работниот ден и да се намали потрошувачката на електрична енергија. По германскиот пример, околу 70 држави низ светот ја прифатиле оваа практика.
Во 2019 година, Европскиот парламент поднесе иницијатива за укинување на поместувањето на часовникот, предлагајќи секоја земја самостојно да одлучи дали ќе остане на летно или зимско време. Иако поминаа шест години од тогаш, промената сè уште не е спроведена во пракса, па часовникот и натаму се поместува двапати годишно.
