Во Општина Струга денеска се одржа официјалното примопредавање на функцијата меѓу досегашниот градоначалник Рамиз Мерко и новоизбраниот градоначалник Менди Ќура. Уверението на Ќура му го врачи претседателот на Општинската изборна комисија, Минир Жута, со што формално започна неговиот четиригодишен мандат.

На прес-конференција по примопредавањето, Ќура изрази благодарност за поддршката од граѓаните и нагласи дека ќе биде градоначалник на сите жители на Струга, без разлика на нивната политичка определба. Тој истакна дека веднаш ќе започне со реализација на својата програма и дека, како што рече, „од денеска почнуваат промените во Општина Струга“.

Како симболичен прв потег, новиот градоначалник потпишал предлог-одлука за продажба на службениот автомобил „Ауди“, при што најави дека за службени потреби ќе го користи сопствениот автомобил.

– Денеска почнуваме од зборови на дела. Промените почнуват, мојот изборен и среќен број, 133, стои и на таблиците на мојот автомобил, кој од денеска ќе ѝ служи на Општина Струга во наредните 4 години. Исто така, донесовме важна одлука – за сите вработени кои не одат на работа со денови, месеци и со години, а некои од нив работат во странство, од денеска почнува процес на раскинување на решенијата за вработување – рече Ќура.

Меѓу главните приоритети во неговата програма, тој го посочи завршувањето на патот Мороишта–Струга, решавањето на проблемот со паркинг местата и подобрувањето на комуналните услуги во градот.

Во однос на прашањето за депонијата, Ќура оцени дека проблемот ќе биде трајно решен со отворањето на регионалната депонија, што се очекува да се реализира во 2026 година. Тој додаде дека во координација со Владата, во наредните денови Комуналното претпријатие во Струга ќе добие 8.000 канти за отпад и нови возила за своите потреби.

Градоначалникот најави и ревизија на работата на Општината и на сите јавни претпријатија, како и формирање посебни комисии кои ќе ја евидентираат фактичката состојба на терен.

Со ова започнува новиот мандат на Менди Ќура, кој, според сопствените зборови, ќе се стреми да ја води Струга кон „практични и одговорни промени во интерес на сите граѓани“.