Додека во Европската Унија расте бројот на луѓе кои живеат под кирија, земјите од Балканот, меѓу кои и Македонија, и натаму се издвојуваат со висок удел на население што живее во сопствен дом, покажуваат податоците на Евростат.

Во 2024 година, 68 проценти од населението во ЕУ што живее во домаќинства поседувало сопствен дом, што е благ пад во однос на 69 проценти во 2023 година. Истовремено, уделот на лица кои живеат во изнајмени станови се зголемил на 32 проценти.

Највисок процент на сопственост во рамки на Унијата е регистриран во Романија (94 проценти), по што следуваат Словачка (93 проценти) и Унгарија (92 проценти).

Германија е единствената земја членка каде што мнозинството од населението живее под кирија – 53 проценти, додека во Австрија и Данска сопственоста на домови сè уште е почеста, но со значителен удел на изнајмување.

За земјите од регионот, последните достапни податоци на Евростат се од 2023 година и покажуваат исклучително висок степен на сопственост на домови. Во Албанија, 95,5 проценти од населението живее во сопствен дом, во Хрватска 91,2 проценти, во Србија 89,9 проценти, во Македонија 87,1 процент, во Бугарија 86,1 процент и во Грција 69,6 проценти.

Кога станува збор за живот под кирија, највисок удел во регионот е забележан во Грција со 30,4 проценти, по што следуваат Бугарија (13,9 проценти), Македонија (12,9 проценти), Србија (10,1 процент), Хрватска (8,8 проценти) и Албанија (4,5 проценти).

Податоците јасно укажуваат на разлики во станбените модели меѓу западна Европа и југоисточниот дел од континентот, каде сопственоста на дом сè уште претставува доминантен облик на живеење.