Пожарите во Дојран, Николиќ, Крива Паланка, Орман, Волково и Самоков се ставени под контрола, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција во Владата по состанокот на кризниот штаб.
– Денес е активиран и механизмот за европска помош во справување со пожарите и максимално се ставаат во функција сите капацитети на државата – нагласи Тошковски.
Во рамките на европската поддршка, од Грција се дадени на испомош два канадери за гаснење од воздух и два пешадиски тимови за теренска интервенција.
Сите владини институции се целосно мобилизирани и вклучени во справувањето со пожарите низ државата.
Околу 300 припадници на Армијата се ставени во приправност, од кои 150 веќе активно се ангажирани на терен. Паралелно, околу 400 полициски службеници исто така се вклучени во гаснењето и обезбедувањето на загрозените подрачја.
Министерот Тошковски порача дека државата ќе одговори на сите предизвици, со цел да се заштити населението и природата.