Повеќе од 1.000 безживотни тела на Палестинци се заробени под урнатините во Појасот Газа, изјави денеска портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Хамас, Еиад Ал Бозом, предупредувајќи оти безживотните тела под урнатините претставуваат голема еколошка и хуманитарна закана.
Комесарот на Обединетите нации за помош и работа со палестинските бегалци (УНРВА), Филип Лазарини предупреди дека хуманитарната криза во Газа достигна критична фаза и посочи дека жителите на оваа енклава забрзано остануваат без вода и струја, а се соочуваат и со сериозен недостиг на храна и лекови.
Повеќе од милион луѓе, што е речиси половина од целото население на Појасот Газа, се раселени, соопшти денеска УНРВА.
Околу 600.000 раселени лица се наоѓаат во Кан Јунис и Рафах, од кои речиси 400.000 се во објекти на УНРВА, што значително ги надминува капацитетите на Агенцијата.