На свеченоста ќе присуствуваат претседателот ел-Сиси и странски лидери

По две децении изградба и повеќе од десет години подоцна од планираното, Големиот египетски музеј во Гиза (Grand Egyptian Museum) утре конечно ќе биде отворен за јавноста. Објектот, вреден речиси 900 милиони евра, се наоѓа во непосредна близина на пирамидите, а свеченоста ќе ја предводи претседателот на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси, во присуство на светски државници и гости.

„Музејот е најавуван како најголемата археолошка знаменитост во светот, посветен на едно од највлијателните историски наследства на човештвото. Просторот се протега на 470.000 квадратни метри, со повеќе од 50.000 експонати, меѓу кои се издвојуваат колосот на Рамзес II, тежок 83 тони, и 4.500-годишниот брод на фараонот Хуфу.
Музејот располага со 24.000 квадратни метри постојан изложбен простор, Детски музеј, едукативни центри, конференциски и комерцијални објекти, како и современ конзерваторски центар. Дванаесетте главни галерии опфаќаат периоди од праисторијата до римското време, а дел од експонатите се изложени и на плоштадот „Тахрир““, објави „Гардијан“.

Технологија, генерација Зи и предизвици со безбедноста

Извршниот директор на музејот, Ахмед Гонеим, изјави дека во изложбите ќе се користат напредни технолошки решенија и мултимедијални прикази за да се доближи древното наследство до современата публика.

„Ќе се трудиме да го поврземе древниот свет со генерацијата Зи, преку интерактивни и визуелно импресивни искуства“, нагласи Гонеим.

Очекувањата се дека музејот ќе привлекува меѓу 15.000 и 20.000 посетители дневно. Отворањето беше повеќепати одложувано, последен пат поради воените судири на Блискиот Исток. Медиумите потсетуваат дека безбедноста на артефактите останува предизвик, особено по неколкуте кражби во минатото, меѓу кои и исчезнувањето на 3.000-годишна златна нараквица на фараон.

„За Египетскиот министер за туризам и антиквитети, Шериф Фати, отворањето на музејот како ‘подарок на Египет за светот’, како што вели.“