Од моментот кога се симна од авионот на пистата покриена со црвен тепих, патувањето на Владимир Путин во Алјаска беше триумф.
Беше пречекан со аплауз од неговиот домаќин, Доналд Трамп. Двајцата мажи можеби немаа што да објават по часови разговори – првата средба меѓу руски и американски претседател по инвазијата на Украина – но средбата во воената база Елмендорф-Ричардсон во Енкориџ го трансформираше Путин од отпадник од Западот во почесен гостин на американска почва.
„Нема договор додека не се постигне договор“, изјави мрачниот Трамп. Тој тврдеше дека имало „многу, многу точки за кои се согласивме“, но не и за централното прашање за запирање на војната во Украина. Овој неуспех може да биде олеснување за украинските и европските лидери, кои се плашеа дека Трамп ќе попушти на барањата на Путин да ја неутрализира Украина. За среќа, Трамп не го повтори својот претходен говор за „размена на територии“.
Двајцата лидери по средбата одлучија да не одговараат на новинарски прашања. Можеби Трамп знаеше дека ќе биде прашан за неговите закани пред самитот за „многу сериозни последици“ доколку Русија не го прекине конфликтот. Непосредно пред слетувањето, претседателот на САД изјави за Фокс њуз: „Нема да бидам среќен ако си заминам без некаков вид на прекин на огнот“. Немаше непосреден знак за троен самит со украинскиот лидер, Володимир Зеленски, што Трамп претходно го најави. Ниту, пак, имаше трага од договор за контрола на нуклеарното оружје, што го предложи Путин. Двајцата зборуваа за економски можности, но имаше малку што беше опипливо. Трамп рече дека ќе ги информира Зеленски и европските лидери, што може да даде повеќе индикации за тоа што се случило.
Секогаш шоумен, Трамп се погрижи да го импресионира Путин. Нивните авиони се паркираа блиску еден до друг; двајцата мажи излегоа повеќе или помалку истовремено, топло се ракуваа и тргнаа кон говорницата додека бомбардер Б-2, придружуван од четири ловци Ф-35, помина над нив. Четири Ф-22 на земја формираа почесна гарда. Трамп можеби сакал да ја демонстрира воената моќ на Америка. Наместо тоа, тој ја покажа нејзината дипломатска слабост – постојано поставувајќи рокови за Русија да прекине со огнот, а потоа не преземајќи ништо кога тие беа игнорирани.
Во својот прв мандат, Донакд Трамп честопати сакаше да разговара со Путин сам, без службеници или лица што запишуваат белешки. Затоа, беше олеснување кога беше објавено претходно во текот на денот дека планираната средба еден на еден во Енкориџ е проширена за да вклучи уште двајца високи функционери од секоја страна. Но, кога се симнаа од подиумот, г-дин Трамп го покани г-дин Путин да се качи во неговата лимузина, позната како „Ѕверот“ – сепак обезбедувајќи го приватниот разговор.
Почестите за г-дин Путин беа во остра спротивност со јавното понижување што г-дин Трамп и неговите советници му го нанесоа на украинскиот претседатело Володимир Зеленски за време на неговата посета на Белата куќа претходно оваа година. Оттогаш односите со Украина се подобрија, но Трамп честопати брзо ја обвинуваше за инвазија; и се покажа чудно попустлив кон Путин. Претседателот на САД изјави за Фокс дека мора да се „преплетува и да се ниша“ за да се постигнат договори, но неговото постојано влечење во пресрет на самитот сугерира неодлучност и фрустрација од рускиот лидер кој нема да одговори на неговите молби.
Местото на Алјаска беше преполно со симболика: близината на Русија и Америка преку Беринговиот теснец, продажбата на Алјаска од страна на царска Русија на Соединетите Американски Држави во 1867 година; и американските договори за заем-лизинг што го вооружаа Советскиот Сојуз за да му помогнат да се спротивстави на нацистичка Германија (важен пат за снабдување минуваше низ Алјаска). Путин се сети на сето ова и раскажа како, на црвениот тепих, го поздравил Трамп со „Добар ден комшија“.
Секако има смисла големите нуклеарни сили, дури и геополитичките ривали, да разговараат едни со други. Дали треба да ги преечекуваат ривалите со црвен тепих е сосем друго прашање. Единствениот бенефит во оптиката за Доналд Трамп дојде кога рускиот лидер рече дека е „искрено заинтересиран да стави крај“ на војната и се согласи дека тоа немаше да се случи доколку Трамп беше претседател во 2022 година.
Сепак, г-дин Путин инсистираше дека „треба да ги елиминираме сите основни причини за тој конфликт“. Со оглед на тоа што тој мисли дека главната причина е независноста и суверенитетот на Украина и нејзиното право да се приклучи на европските институции, вклучително и НАТО, неговата формула е рецепт за продолжување на војната. Г-дин Трамп не направи ништо за да го оттргне од злоупотреба. Рускиот претседател си замина со насмевка, па дури и се обиде малку англиски јавно: „Следниот пат во Москва“, му рече тој на својот домаќин. На што г-дин Трамп одговори: „Ќе добијам малку критика за тоа, но можам да видам дека е можно да се случи“.