Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, во рамките на својата работна посета на Брисел оствари официјална средба со претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), Шејмус Боланд. На состанокот фокусот беше ставен врз социјалниот дијалог, улогата на граѓанското општество и процесот на интеграција на земјата во Европската Унија.

По завршувањето на разговорите, министерот Сали изјави дека европските процеси мора да бидат директно поврзани со потребите на стопанството и обичните граѓани, а не да се сведат исклучиво на комуникација меѓу административните структури.

„Европската интеграција не е само процес меѓу институциите. Таа треба да ги доближи граѓаните, работниците, бизнисите и граѓанското општество до европското одлучување. Разговаравме за значењето на социјалниот дијалог, граѓанското учество и зајакнувањето на врските со европските партнери. За нас, патот кон Европската Унија треба да донесе вистински можности и посилен глас за нашите граѓани“, посочи Сали.

Претседателот на ЕЕСК, Шејмус Боланд, упати јасна институционална поддршка за членството во Унијата, потенцирајќи дека граѓанскиот сектор, синдикалните организации и работодавачите играат клучна улога во проширувањето.

„Европскиот економски и социјален комитет е една од институциите што даваат совети за прашања поврзани со законодавството на ЕУ. Ние сме домот на граѓанското општество, во кој се застапени синдикатите, работодавачите и организациите на граѓанското општество. Сакаме повторно да ја потврдиме нашата силна поддршка за приклучувањето на вашата земја кон семејството на Европската Унија. Европската Унија е семејство. За да создадеме посилна Европа, потребно е нови организации и земји да се приклучат и да станат дел од тоа семејство“, порача Боланд.

Боланд додаде дека комитетот е директно задолжен за делот на граѓанското општество во пристапните преговори и најави дека планира официјална посета на земјата.

„Европскиот економски и социјален комитет е одговорен за аспектот на граѓанското општество во рамките на процесот на проширување на ЕУ. Веќе посетивме други земји и искрено се надевам дека ќе успееме да дојдеме и во Северна Македонија. Ве поддржуваме бидејќи граѓанското општество, а особено синдикатите, работодавачите и организациите на граѓанското општество, мора да бидат дел од процесот на проширување. Не само затоа што се од суштинско значење за животот на граѓаните, туку и затоа што се лепилото што ги држи земјите заедно. Тие се оние што им помагаат на луѓето на терен, особено на оние на кои им е потребна помош“, истакна претседателот на ЕЕСК.

Тој појасни дека неговите активности се насочени кон воспоставување редовна комуникација со локалните општествени чинители со цел објаснување на сите придобивки од пристапниот пат.

„Мојата задача како претседател на ЕЕСК е да се сретнам со вашите граѓани и претставници на вашите организации, да разговарам со вас за придобивките од проширувањето и да ве поддржам на вашиот пат кон членство во Европската Унија. Бидејќи проширувањето, како што им кажав на млади студенти во други земји, не е само прашање на зачленување во Европската Унија, туку и на подигнување на вашата земја на ниво на кое ќе може да се натпреварува со побогатите земји во светот, како и на обезбедување на сите придобивки што ги носи членството за вашите граѓани. Се надевам дека наскоро ќе се видиме. Ја поддржувам вашата кауза. Ве молам, продолжете да работите напорно“, нагласи Боланд.

Сали ја продолжува дводневната работна агенда во Брисел, при што за утре е закажана средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос.