Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денеска реализираше низа средби со локалните претставници на бизнис-секторот и здруженија на занаетчии во Делчево и Берово, со цел да ги информира за мерките за поддршка на стопанството и можностите за зголемување на конкурентноста на компаниите.
На средбите Ристески, заедно со претставници од Агенцијата за вработување, ги презентираа програмите на Министерството за економија и труд, како и мерките од Оперативниот план за активни програми и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.
„Министерството преку своите програми издвојува финансиски средства за поддршка на македонските претпријатија, за зголемување на нивната конкурентност, општествена одговорност, дигитализација на процесите и воведување на меѓународни стандарди во нивното работење“, истакна Ристески.
Ристески и заменик-директорот на Агенцијата за вработување, Весна Пешова, апелираа до присутните да ги следат огласите на агенцијата за вработување и да аплицираат на јавните огласи од мерките од Оперативниот план за 2025 година, кој годинава има рекорден буџет од преку 40 милиони евра.
Претставниците на бизнис-секторот изразија позитивни мислења за мерките на Владата и министерствата за поддршка на компаниите и доставија низа предлози за подобрување на развојот на стопанството во малешевскиот регион.
Ристески додаде дека поддршката продолжува и за занаетчиските комори и индивидуалните занаетчии, преку финансиска помош за набавка на опрема и алати, како и за спроведување на проекти.
„Како Владата сме тука за да ве поддржиме во вашиот раст и развој. Апелирам да ги следите конкурси и јавните повици и доколку имате можност, да аплицирате“, подвлече заменик-министерот.
Средбите во Делчево и Берово се дел од континуираните напори на Министерството за економија и труд за јакнење на локалните компании, промовирање на претприемништвото и поддршка на занаетчиите низ целата држава.