Претседателката ги пречека претставничките на Women in Tech-Macedonia
На Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претставнички на Women in Tech-Macedonia. Организацијата, која е дел од глобалната иницијатива Women in Tech, промовира инклузија, еднаквост и разновидност на жените во STEM професиите – наука, технологија, инженерство и математика.
Активности за едукација и намалување на родовата нееднаквост
Претставничките истакнаа дека нивниот фокус е насочен кон едукација на невработени девојки кои се двоумат околу изборот на професија. Women in Tech ја реализира својата мисија преку обуки, менторства и конференции со цел да се намали родовата нееднаквост во STEM професиите.
Претседателката им честиташе за специјалната награда – IMPACT Award, која ја добиле на глобалниот Women in Tech Summit минатата година во Осака, Јапонија. Таа нагласи дека наградата ја потврдува нивната меѓународна компетитивност, успешност и посветеност.
Поттикнување на женската креативност и визија
Сиљановска-Давкова изрази импресионираност од умот и креативноста на соговорничките, особено од нивната подготвеност да им помогнат на најранливите. Таа истакна подготвеност за поддршка на кампањата на Women in Tech за вклучување на жените и девојките во науката.
Претставничките нагласија дека женската визија и мисија се темел за промени кои ќе остават траен белег во технологијата.
