Познатиот актер Раде Шербеџија испрати видеопорака од Њујорк, со која директно им се обрати на граѓаните на Србија на денот на гласањето. Тој се приклучи на бројните јавни личности кои застанаа зад студентското движење во земјата.
Шербеџија се огласи преку својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, опишувајќи ја атмосферата меѓу иселениците во Соединетите Американски Држави.
„Рано е утро во Њујорк, јас сум на Бродвеј. Сонцето изгрева. Синоќа имаше многу од нашиот свет тука, низ цела Америка – Лос Анџелес, Чикаго, Њујорк. Млади, стари, со насмевка на лицето, самоуверени и одлучни, и токму така“, рече Шербеџија.
На крајот од своето видеообраќање, актерот упати директен апел до сите граѓани што имаат право на глас.
„Ако сè уште не сте, излезете и гласајте. Студентите победуваат!“, рече тој.
Во Србија се одржуваат вонредни парламентарни избори кои претставуваат клучен политички тест за актуелната власт на Вучиќ. На овие избори учествува и политичката опција произлезена од студентските протести, кои започнаа по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, несреќа во која загинаа 16 лица.
Според официјалните податоци, одѕивот до 16 часот достигнал 56,6 проценти од вкупниот број запишани гласачи, што претставува значително повисока излезност во споредба со претходните изборни циклуси во истиот период од денот.
Масовен одѕив е регистриран и на гласачките места надвор од матичната земја. Стотици граѓани се собраа во текот на ноќта во Њујорк, колони од гласачи беа забележани во Лос Анџелес, додека дел од српските државјани во Азија и Австралија патуваа илјадници километри за да го остварат своето гласачко право.
