Несогласувањата во Движењето БЕСА завршија со поделба на дел од членовите. И од оваа партија излегува посебна политичка формација, најави денеска Аријанит Хоџа, кој беше заменик претседател на БЕСА, заедно со пратеникот Басри Бајрами, кој вчера објави дека ќе дејствува како независен.
Хоџа рече дека за оваа одлука се разговарало последните најмалку осум месеци, а била донесена по нивната оценка дека иницијативата на т.н. опозициски блок отстапува од политичкото патување кое го започнале со сега веќе нивни поранешни сопартијци.
„Ние сме организирана структура која во периодот пред нас ќе работи во полн обем и јасна политичка артикулација и јасна визија за иднината на граѓаните и државата. Имајќи предвид дека државата се наоѓа во многу деликатна ситуација во која се одлучува за европската иднина ќе се однесуваме со внимание, сериозност и посветеност да придонесеме преку нашиот претставник во Собранието за што поскоро да се случат уставните измени и да се пристапи кон отворање на патот за членство во ЕУ“, изјави Аријанит Хоџа.
Освен во БЕСА, изминатиов период превирања имаше и во Алтернатива, каде партиски членови изразија незадоволство и забелешки, за како што рекоа, неуспехот на раководството во исполнувањето на партиските задачи. Ново движење ќе формира и т.н. „огнена група“, која функционира како фракција на ДУИ.
Новинарот Сељадин Џезаири, од Балканскиот институт за регионална соработка, очекува жешко политичко лето. Тој смета дека случувањата на политичката сцена се резултат на тоа што се ближат избори и желбата да се дојде на власт. Како втора причина ја наведува најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека не размислува да направи коалиција со партијата на Ахмети, па оттука и желбата на помалите политички партии да се реорганизираат.
„Ценам дека лидерите на помалите албански политички партии во земјава повеќе сонуваат која партија од македонскиот блок ќе победи, него што би требало да биде реално како да победат во условно речено албанскиот кампус. Оттука се и внатрешните превирања речиси и во БЕСА и во Алтернатива, па и во т.н. „огнена група“ со оглед на тоа дека последните испитувања на јавното мнение во земјава покажува дека фаворити на следните избори ќе бидат во албанскиот блок ДУИ, и ВМРО и СДСМ во македонскиот блок“, смета Сељадин Џезаири од Балкански институт за регионална соработка.
Џезаири смета дека во албанскиот блок тешко дека ќе се победи ДУИ, имајќи ги предвид најновите превирања во помалите политички партии. Тој вели дека изборите ќе покажат и за апетитите на политичките партии зашто резултатите и легитимноста која ќе ја добијат политичките партии ќе биде главно мерило за формирање на идната влада.