Компромисниот модел на САД за нуклеарната централа Запорожје оценет како неправеден
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изрази несогласување со предлогот на САД за компромисно решение околу иднината на нуклеарната централа Запорожје, според кое управувањето би било поделено меѓу Украина, САД и Русија. Тој нагласи дека таквиот пристап не ја зема предвид реалната состојба на терен и безбедносните ризици поврзани со објектот.
Зеленски ова го изјави одговарајќи на новинарски прашања, по разговорите со американските партнери, во кои била отворена можноста за ваков модел на функционирање на централата.
– Соединетите Американски Држави предложија компромис, како што го гледаат тие, според кој централата треба да продолжи да постои и да функционира, и во одредени пропорции да биде поделена на три дела. Разговаравме за ова детално и им кажав дека тоа го сметам за неправедно, изјави Зеленски.
Безбедносни и технички ризици околу централата
Украинскиот претседател потенцираше дека суштината на проблемот не се сведува само на прашањето за сопственоста. Тој укажа на сериозни технички и безбедносни предизвици, вклучувајќи ја милитаризацијата на објектот, неговата деградирана состојба и ограничениот пристап до вода и електрична енергија.
– Има и проблем што нашиот тим, нашите луѓе, работат таму и треба да продолжат да работат. Кога централата ќе започне да работи со полн капацитет, таму ќе има поголем тим од украински специјалисти. Прашањето е каде ќе живеат тие луѓе?, истакна тој.
Прашања што мора да се решат со МААЕ
Зеленски додаде дека сите отворени прашања мора да се разгледуваат во координација со Меѓународната агенција за атомна енергија. Како дополнителен сериозен проблем ја наведе и уништената брана, која е клучна за функционирањето на централата.
– Мора да има брана – онаа што Русите ја разнесоа. Тие ја разнесоа. И кој ќе плати за тоа сега? Има повеќе прашања отколку одговори, заклучи украинскиот претседател.
