Традиционално, во Македонија семејството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година.
Во секоја куќа се меси кравјаче, пита или погача во која се става пара. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата и тој што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.
Во некои краишта од земјава, пак, адетот со кршењето на лепчето со паричка се прави на Василица.
Некои од црковните лица се согласуваат дека за Бадник треба да си дома. Но, велат, лепчето со паричето оставете го за Василица. Обичајот на Бадник да седнеме на маса и да кршиме лепче со паричка не е црковен, туку фолклорен обичај.
Сепак на луѓето им останува да си го направат својот избор, дали лепче со паричка ќе има на Бадник или пак на Василица.