Проектот не е за казнување, туку за спас на животи
Премиерот Христијан Мицкоски е категоричен дека проектот „Безбеден град“ има за цел едукација и превенција, а не собирање казни. Тој нагласи дека е подготвен да го понесе ризикот, дури и ако проектот предизвика пад на Владата.
– Целта не е да се наплатат казни. Затоа што, како прво, има толеранција, ако се вози 5 километри повеќе над дозволеното, нема да има казни. Ако возите повеќе од 10, ќе бидете казнети. Но, повторно ќе кажам целта не се казни, туку да се делува едукативно и превентивно. Ако треба оваа влада да падне за „Безбеден град“, а потоа да дојде друга влада и да го укине и да вози кој како си сака, тогаш во ред, подготвен сум тој ризик да го понесам – изјави Мицкоски во гостување на ТВ21.
Регистрирани прекршоци се намалуваат пред официјален старт на казните
Премиерот објасни дека со приближувањето на 1 февруари, датумот кога официјално ќе започне изрекувањето на казни, се забележува намалување на бројот на прекршоци.
– Податоците велат дека на 23 јануари се регистрирани над 15.000 прекршоци, а на 24 јануари 14.000. Така што, како доаѓа 1 февруари, се регистрираат сè помал број на прекршоци – рече Мицкоски.
Помал број загинати во сообраќајот
Премиерот посочи дека во периодот декември 2025 до 26 јануари 2026, споредено со истиот период лани, бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 7 лица.
– Ова покажува дека мерките на „Безбеден град“ веќе даваат резултати и дека проектот има за цел да го подобри однесувањето на возачите и да спаси човечки животи – додаде Мицкоски.
