Комисијата ќе ги опфати сите трагедии
Анкетната комисија формирана од Собранието е подготвена да работи со највисок интензитет за да ги разгледа сите трагедии опфатени со нејзиниот мандат, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во гостување во емисијата „Анализа“ на 24 ТВ. Тој нагласи дека членовите се подготвени да работат и по 24 часа ако тоа е неопходно за да се стигне до темелни и јасни заклучоци.
Стојаноски посочи дека комисијата е оформена да ги опфати сите случаи со вкупно 138 жртви, при што секое релевантно лице ќе може да биде предложено и сослушано.
„Сметавме дека треба да се даде шанса, преку една ваква Анкетна комисија, да се разговара за сите 138 жртви и сите трагедии што се случија. Така можеме пред парламентот да ги изведеме сите факти и да дадеме одговори на сите прашања“, рече Стојаноски.
Тој одби дека има обиди за одолговлекување или блокирање на процесот. Според него, процедурите се почитуваат и во предложената одлука трагедијата што предизвика најголемо внимание е ставена како прва.
„Не сметам дека нешто криеме или бегаме. Во нашата предлог-одлука оваа трагедија беше ставена како прва. Според Деловникот, постои процедура како се формира вакво тело и јас не можам да се согласам дека саботираме. Овој случај ќе го добие приоритетот во рамките на правната рамка“, додаде тој.
Работниот период на комисијата, како што предвидува одлуката, изнесува 45 дена, а по неговиот истек следуваат уште 30 дена за изработка на конечниот извештај, кој ќе биде доставен до институциите.
„Од моментот кога ќе започне работата, комисијата има 45 дена. Не сметам дека е малку, кога има волја, има и начин. По завршувањето, имаме 30 дена за да го изготвиме извештајот“, појасни Стојаноски.
Тој подвлече дека секој кој ќе сака да предложи сведок или лице за сослушување ќе ја има таа можност.
„Нашиот предлог е јасен, ако треба, ќе работиме 24 часа. Секој што е инволвиран и секој што сака да предложи некого за сослушување ќе добие шанса“, порача Стојаноски
Комисијата ќе ги опфати сите трагедии
