Уредникот на Радио Лидер, Љупчо Златев, во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација  поднесе претставка против МНР и министерот Бујар Османи, за како што вели воведувањето на МКарта. Според Златев со добивањето на МКарта на само неколкумина граѓани, се дискриминираат околу 2 милиони по разни основи.

Во продолжение неговиот статус 

ГО ПРИЈАВИВ БУЈАР ОСМАНИ, ОСТАНУВА НА ИНСТИТУЦИИТЕ
Пред малку до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација поднесов претставка против Министерството за надворешни работи и против министерот Бујар Османи. Претставката е во однос на воведувањето на МКарта, со која се дискриминираат околу 2 милиони граѓани по бројни основи, пишува Златев.

Во прилог, интегрално ви ја пренесувам содржината на претставката:
Со воведувањето на МКарта, директно се дискриминираат стотици илјади граѓани на нашата земја, вклучително и јас.
Имено, министерството предводено од господинот Бујар Османи донесе одлука според која носителите на оваа картичка ќе поминуваат забрзано на граничните премини.
Овие лица не се службени лица и не се носители на дипломатски или високи јавни функции, што значи дека немаат службени или дипломатски патни исправи. Оттука, секое нивно привилигитање во однос на останатите граѓани претставува дискриминација.
Дополнително изборот на “истакнати личности од земјата кои живеат во странство” е целосно нетранспарентен без јасно дефинирана методологија и единствено и со ексклузивно право на вработени во МНР да одлучуваат кој ќе добие ваков статус.
Се прави дискриминација врз основа на личен или општествен статус, имотен статус и социјално потекло, со тоа што на листата на привилигирани носители на МКарта се наоѓаат лица кои само затоа што се богати ќе поминуваат побрзо на граничните премини како успешни бизнисмени или индивидуалци во странство. На сметка на тоа, обичните граѓани ќе чекаат ред и ќе бидат дискриминирани.
Ред ќе чекаат и бремените жени, болните и изнемоштените и лицата со попреченост кои исто така се дискриминирани поради нивната здравствена состојба.
Во исто време, на листата од 69 носители носители на МКарта која беше објавена евидентно е дека не се опфатени бројни научници и интелектуалци кои според мене се изоставени само затоа што се Македонци и Православни христијани, што значи дека министерството и министерот Бујар Османи, дискриминираат и по основ на етничка припадност и религија.