Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвиненија против вкупно шест лица за фалсификување, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама за злоупотреби на податоци и подигнување на брзи кредити од финансиски друштва во висина поголема од 30.000 евра. Против вкупно 33 лица е поднесен Предлог за издавање казнен налог до надлежен суд за кривично дело – Компјутерска измама.

Четворица од нив со вакви дејствија во периодот од февруари 2023 година до јуни 2024 година, прибавиле вкупна имотна корист во износ од 2.509.808 денари. Останатите во текот на 2022 и 2023 година со поединечни дејствија во помал износ прибавиле противправна имотна корист од дополнителни 659.500 денари.

„Обвинетите со умисла извршилe повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи притоа ист траен однос воспоставен помеѓу нив заради извршување на делото, исти прилики за користење на електронска апликација и други слични околности како што е невработеноста на лицата кои дале особен придонес за сторување на делото.

Во информатичкиот систем на повеќе оштетените финансиски друштва внесувале невистинити податоци – за кои секој од нив знаеле дека не се вистинити и дека се постигнати со дејствија од други кривични делa, со што предизвикувале невистинити резултати при електронската обработка и преносот на податоците од Агенцијата за вработување на РСМ. Во ова им помагал еден од нив, кој бил службено лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ и кој им ставил на располагање средства, односно ЕЗБО број кој претходно го обезбедил преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот. Користеле лажни исправи и ги злоупотребувале личните податоци на оштетени физички лица и притоа од финансиските друштва повлекувале брзи кредити на нивно име“, објави Обвинителството.