Реализацијата на капиталите расходи во првиот квартал е подобра во однос на тој период лани. Во првите три месеци имаме вкупна реализација од 19,5 отсто, што е за 51,5 отсто повеќе од тој период лани, оцени министерот за финансии Фатмир Бесими кој рече дека веќе се применува и новиот Механизам наречен КАПЕФ за реализација на капиталните инвестиции и дека кај оние буџетски корисници кај кои не е реализиран предвидениот минимум од 15 отсто се резервирани предвидените средства.

-Од јануари до април вкупната реализација на капиталните расходи е 19,5 отсто, но ако се спореди со тој период од минатата година тие се повисоки за 51,5 отсто, рече министерот кој додаде дека има добра реализација на приходите, што, според него, е исклучително важно во овој период кога се уште трае пандемијата.

Посочи дека во првиот квартал некои министерства имаат реализација и над 15 отсто, некои 25 отсто од планираното, а некои и повеќе и оцени дека реализацијата во овој период е подобра во однос на минатата година, но дека постојат и други мехаинизми на кои треба да се работи, а тоа не е само реализацијата туку и квалитетот на капиталните расходи.

Посочи дека кај оние корисници со послаба реализација веќе се алоцирани, односно резервирани, во рамки на истите буџетски корсници и доколку во вториот квартал има подобрување тие средсва ќе се вратат на капиталите позиции за да ја подобрат реализацијата на капиталните инвестиции.

Потенцира дека не е целта со механизмот казна или награда, туку подобра и поефикасна реализација на буџетските средства за капитални расходи.

-Не се работи за казна, туку за подобрување на планирањето. Секој буџетски корисник знае дека се резервирани средствата ако се под таргетот од 15 отсто за првиот квартал, вториот 40 и третиот 65 отсто од вкупни планираните во текот на годината. Министерствата ги имаат тие средства, но во посебна ставка се резервирани и тоа помага на ниво на целиот буџет така што од тие што помалку реализирале ќе се реалоцираат средствата таму каде има побрза реализација, појасни министерот за финансии.