Советникот на украинскиот претседател, Михаил Подољак, изјави дека војната со Русија може да трае и до половина година.
Ова може да потрае уште два до шест месеци – изјави Подољак во интервју за рускиот опозициски портал „Медуза“.
Тој вели дека клучен фактор за времетраењето на војната е количината на залихи на оружје, а друг фактор е расположението во Европа, Украина и Русија што може да се промени со текот на времето.
Мировните преговори би можеле да се одржат само ако ситуацијата на терен се промени и кога Русија повеќе нема да смета дека може да диктира услови.
Подољак предупреди дека територијалните отстапки за Русија нема да ја завршат војната.
Според него, се проценува дека загубите на Русија се околу 80.000 луѓе. Тука спаѓаат загинатите и ранетите од редовната армија, сепаратистите и членовите на платеничките сили на Вагнер.
Подољак вели дека по катастрофалната почетна фаза на војната за Русија, кога имало до 1.000 мртви во војната дневно, сегашните загуби на руските и украинските војници се „споредливи“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна изјави дека Украина губи до 100 мртви и има околу 500 ранети дневно.