Воените дејствија во Украина добиваат нова димензија со пренесување на борбите под земја. Поради целосната доминација на беспилотните летала на небото, двете армии масовно се спуштаат под површината, водејќи битки внатре во напуштените советски гасоводни и водоводни мрежи.
Преку профилот на воениот аналитичар Марио Навфал на платформата „X“ се прошири снимка од термална камера која доловува дел од оваа подземна тактика. На видеото се гледа како руски војник користи алат за сечење за да направи отвор и да продре во стратешки важна подземна цевка на фронтот кај Купјанск, несвесен дека просторот веќе е заземен од украински војници. Во моментот кога металот е пробиен, еден од украинските војници ја насочува автоматската пушка низ отворот и испукува цел шаржер кон напаѓачот.
Како што пренесуваат светските медиуми, вклучително и „The Wall Street Journal“, движењето по копнената површина стана еднакво на смртна казна поради континуираниот надзор и нападите од беспилотни летала. Поради тоа, руските сили обучуваат специјални единици кои ползат со километри, понекогаш и до 15 километри, низ тесни напуштени советски цевки со дијаметар од само еден до 1,2 метри со цел ненадејно да излезат зад украинските одбранбени линии.
Украинската 13-та бригада „Хартија“, која го брани Купјанскиот правец, потврди дека со месеци води исцрпувачка војна во овој подземен лавиринт. Руските војници во цевководите поставуваат митралески гнезда, барикади од вреќи со песок, па дури и импровизирани простории каде што остануваат со недели во услови на задушливост и недостиг на кислород.
Како одговор на овие тактики, покрај директните престрелки, украинската армија почна да испраќа и мали копнени роботски дронови опремени со експлозив Ц4 за да ги уништи противничките позиции внатре во самите цевководи.
