Поетска Струга повторно во светскиот фокус со доделувањето на највисокото признание

На „Мостот на поезијата“ во Струга вечерва се одржа свеченоста на која словачкиот поет, раскажувач, есеист и преведувач Иван Штрпка ја доби највисоката награда „Златен венец“ за 2025 година, во рамките на 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата.

Покрај ова признание, беа врачени и други награди. „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик меѓу двете фестивалски изданија ја доби поетесата Јулијана Величковска за збирката „Рајсфершулс“. Наградата „Мостови на Струга“, што заеднички ја доделуваат УНЕСКО и фестивалот за најдобар поет-дебитант, годинава му припадна на полскиот автор Матеуш Шимчик за книгата „Потребни се извори“.

Настанот беше збогатен со читања на стихови од поети од различни земји, кои повторно ја претворија Струга во светска престолнина на поетската уметност.

Фестивалот започна во четвртокот со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на годинешниот добитник и со палењето на фестивалскиот оган во Домот на поезијата.

Според програмата, утре во Кавадарци ќе се одржи промоцијата на панорамата „Дионис и Свети Трифун“ – избор од македонската винска поезија, во рамките на проектот „Поезијата патува“.