Цените на бензините и дизелот остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) објави дека од 13 декември 2025 година ќе се изврши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати. Најголемо намалување ќе има кај Мазутот М-1 НС, кој ќе поевтини за 1,089 ден/лит, достигнувајќи цена од 32,883 ден/кг, додека цените на бензините и дизелот остануваат исти.
Просечното намалување на цените изнесува 0,64% во однос на одлуката од 9 декември 2025 година. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) остануваат непроменети.
На светскиот пазар, референтните цени бележат пад: бензините за 3,559%, дизелот за 2,715%, екстра лесното масло за 0,766%, а мазутот за 4,528%. Курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,2743%.
Со новата одлука, максималните малопродажни цени ќе бидат: ЕУРОСУПЕР БС-95 – 75,00 ден/л, ЕУРОСУПЕР БС-98 – 77,00 ден/л, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 68,50 ден/л, Екстра лесно масло 1 (ЕЛ-1) – 66,50 ден/л и Мазут М-1 НС – 32,883 ден/кг.
РКЕ истакнува дека ова се максимални цени и дека трговците можат да формираат пониски цени за одделни деривати и горива за транспорт.
