Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан. упатил телеграма со честитка за именденот на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј во која покрај желбата за негово мирно патријархување порачува дека МПЦ-ОА трпеливо и смирено го очекува Томосот за нашата црква од Вселенската патријаршија.
-Ваша Светост, честитајќи Ви за Вашиот именден, дозволете ми уште еднаш да Ви посакам мирно патријархување на престолот на Вселенската патријаршија, од која трпеливо и смирено ја очекуваме долгоочекуваната радосна вест, Томос за нашата Помесна православна црква, се наведува во телеграмата.
–
Смирен и најсакан архипастире и богољубив Претстојателу на првопрестолната Мајка Црква, даруван со благодат Патријарх на маченички осветената катедра на Константинопол, дозволете ми на денот на Вашиот небесен покровител, светиот апостол Вартоломеј, лично и во името на нашата помесна Црква, да Ви честитам за Вашиот именден и радувајќи се со Вас, да Ви посакаме вечна заштита од Вашиот небесен покровител, трезвеност на духот, сила на волјата, утеха и поддршка од Богородица, многу здравје и долг живот, наведува г.г. Стефан во телеграмата.
Телеграмата била прочитана на неделната Света литургија во Сечесниот патријаршиски храм на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Фанар, каде претставник на архиепископот Стефан бил митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф. Со благослов на надлежниот Високопреосветен митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј на литургијата присуствувале и претставници на монашката заедница од свештените Обители Бигорски, Рајчица и Пречиста, предводени од епископ Антаниски г. Партениј.
Во неделно обраќање по повод својот именден, како што објави Вселенската патријаршија на својата официјална страница, Вартоломеј направил осврт на поголемите настани што на црковен план ја одбележаа годишнината од минатиот именден. Меѓу другото, тој го истакнал и враќањето на Охридската архиепископија во канонско единство со православниот свет.
-Мината година ја примивме во семејството на канонските цркви и Охридската архиепископија, порачал Вартоломеј, кој потоа забележал дека по прифаќањето на нашата Црква, уследиле и некои неканоски дела во рамките на интерправославните односи.
Патријархот Вартоломеј во беседата се осврнал и на војната во Украина. -Разбирливо е дека во последниов едногодишен период, од јуни минатата година или поскоро од избувнувањето на несветата и разорителна војна во Украина, го следиме развојот на настаните, се молиме за враќање на мирот и во секоја прилика ја осудуваме руската агресија во независна и суверена држава, спротивно на секоја смисла на меѓународното право и на етичкиот поредок. Плачеме со расплаканите сопруги и мајки на римските и украинските војници кои паднале на полињата на битките, порачал Вартоломеј.