Jапонците денеска се простија од поранешниот премиер Шинзо Абе, кој беше погребан во будистички храм во Токио. Стотици луѓе се собраа околу храмот во центарот на Токио за да се простат од Абе.

Додека поминуваше погребната поворка насобраните граѓани облечени во црно и со цвеќе во раце извикуваа „Абе-Сан“.

Знамињата во Токио се спуштени на половина копје.

На погребот во храмот присуствуваа вдовицата на убиениот поранешен премиер Аки Абе, членови на блиското семејство, премиерот Фумио Кишида и високи претставници на Либерално-демократската партија на Абе.

На 8 јули, 67-годишниот Абе беше застрелан за време на предизборен митинг, а почина во болница. Властите ја продолжуваат истрагата за 41-годишниот осомничен, Тецуја Јамагами, кој беше уапсен на лице место во западниот јапонски град Нара.