Поплавите на Јамајка донесоа неочекувана опасност
По уништувачкиот налет на ураганот Мелиса, Јамајка се соочува со уште една закана, неочекувана појава на крокодили во поплавените подрачја.
Властите предупредуваат дека овие влекачи, во потрага по суво земјиште, можат да навлезат во населени зони, создавајќи дополнителен ризик за луѓето.
„Не сме во состојба само да го следиме ова, мора да бидеме претпазливи, бидејќи крокодилите може да ја напуштат својата природна средина и да се појават во населени зони,“ – се наведува во соопштението на Југоисточниот регионален здравствен орган (СЕХРА), кој ги покрива Кингстон, Сент Ендрју и околните заедници.
Ураганот Мелиса и катастрофалните последици
Според Националниот центар за урагани (НХЦ), Мелиса стигна до копното со ветрови од околу 295 километри на час и притисок од 892 милибари, што ја прави една од најсилните бури забележани во историјата на регионот.
„Ова е не само бура за инфраструктурата, ова е бура и за животинскиот свет и за начинот на живот на луѓето,“ – коментира аналитичар за урагани за списанието Тајм, нагласувајќи дека последиците се далеку пошироки од физичката штета.
Поројните дождови и поплавите предизвикаа значителни уништувања, а делови од главниот град Кингстон и западниот регион се без струја и вода за пиење. Патиштата се непроодни, а неколку населени места се целосно отсечени од остатокот на островот.
Крокодилите како дополнителна закана
Според Националната агенција за животна средина и планирање (НЕПА), американскиот крокодил е единствениот вид што живее на Јамајка и е заштитен со закон поради историското и биолошкото значење. Сепак, поплавите создадоа услови за нивна миграција во човечки средини.
„Поплавените села веќе се под вода; загрижени сме дека крокодилите ќе ја искористат секоја можност да мигрираат кон суво земјиште,“ – изјави претставник на НЕПА за весникот Џамејка Глинар.
Здравствените власти апелираат граѓаните и туристите да не влегуваат во водени површини и да ги држат домашните миленици подалеку од реките и мочуриштата. Покрај милениците, најголема опасност им се заканува на децата. Неколку сафари паркови, вклучувајќи го оној во Фалмут, се привремено затворени додека ситуацијата не се стабилизира.
Во моментов, спасувачките екипи се фокусираат на евакуација на населението и обезбедување на најпогодените подрачја. Властите очекуваат водостојот да продолжи да расте во следните 48 часа, додека остатоците од ураганот се движат кон Карипските острови.
Според Гардијан и Ројтерс, ова е „најкатастрофалната бура што ја погодила Јамајка откако се водат записи“.
