Контрола во МВР: полицаецот постапувал според процедурите

Министерството за внатрешни работи (МВР) ја заврши истрагата во врска со полицаецот кој на Денот на албанското знаме во Куманово го симна албанското знаме од бандера. Според Одделот за внатрешна контрола, не се утврдени прекршувања на службените процедури.

  • „Истрагата спроведена од Одделот за внатрешна контрола покажа дека нема нарушување на процедурите од страна на полицаецот. Ќе ги анализираме дополнително сите аспекти и околности, но во моментов не е утврдено дека постои било каков пропуст од негова страна,“ изјави министерот Панче Тошковски.

Остра реакција од ДУИ за случајот со симнувањето на албанското знаме

Одлуката на МВР предизвика силни критики од Демократската унија за интеграција (ДУИ), кои ја оценија како „срамен чин“ и доказ за дискриминација кон Албанците во Македонија.

  • „Оваа одлука е срамна и претставува отворена легализација на дискриминацијата кон Албанците во државата. Одговорноста за ваквите постапки не лежи само кај Владата и министерот Тошковски, туку и кај албанските претставници во владата, кои со своето молчење ги предаваат интересите на својот народ,“ стои во соопштението на ДУИ.

Инциденти и хаос по прославата на Денот на албанското знаме

По прославата на Денот на албанското знаме на 28 ноември, на улиците во Куманово дојде до повеќе инциденти. Во хаосот беа сквернавени и македонското и албанското знаме, по што полицијата приведе вкупно 17 лица, од кои голем дел малолетници.

Од МВР истакнаа дека ќе продолжат со спроведување на мерки за спречување на вакви инциденти, апелирајќи на почитување на националните симболи и на етничката толеранција.