Албанскиот јaзик официјално почна да се употребува и на полициските униформи.
Првиот вицепремиер Артан Груби на социјалните мрежи објави дека ова се реализира во пракса.
„Уште една успешно извршена задача! Албанскиот јазик официјално и на полициските униформи!“ напиша Груби на својот Фејсбук-профил.
Вели дека на денешната седница на Владата е усвоена измената на Уредбата за униформите и нивните симболи со која се предвидува употреба на албанскиот јазик како службен јазик на униформите на полициските служби во согласност со законот.
Информацијата официјално е потврдена и од Владата. Во соопштението од денешната владина седница стои:
На оваа своја седница Владата ја донесе Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата.
Оваа Уредба е донесена врз основа на Законот за употреба на јазиците, каде што според член 8 став (3) е утврдено дека униформите на полицијата во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.
Оваа Уредба влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе отпочне да се применува во текот на една година од денот на влегувањето во сила.