По реакција на полицијата, седум камиони на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ излегоа да го чистат ѓубрето низ Скопје, пренесува МАКФАКС.

Вработените кои протестираат во дворот на претпријатието, лежејќи на земја и буткајќи се со полицијата не дозоволуваа камионите да излезат.

Началникот на полицијата најпрво ги убедувал вработените да се тргнат и да направат пат, но тие не го послушале. Потоа, им е кажано дека секој што ќе попречи полицаец во обезбедувањето на камионите ќе биде приведен.

„Од овој момент кој ќе попречи службено дејствие ќе биде приведен“, им рече претставник на МВР.

Полициски службеници ги тргнаа на страна демонстрантите кои протестираа пред влезот на претпријатието.

Револтот и нервозата на вработените се прелеа и кон полицајците, бидејќи беа тргнати од пред портите на претпријатието, каде ги блокираа камионите за да не можат да излезат на терен.

Низа коментари и реакции имаше откако полицијата ги растргна на страна.

Oткако камионите поминаа, полицајците се повлекоа.